Условите за избор на претседател се содржани во Уставот, велат од ДИК за ставањето на Јакимовски на „црната листа“ на САД

Освен оние што се предвидени во Уставот, други услови за избор на претседател на државата нема, велат од ДИК

Уставот предвидува дека кандидатот за претседател треба да ги исполнува условите да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот, велат од Државната изборна комисија (ДИК) за МИА.

Одговорот од ДИК доаѓа откако денеска кандидатот за шеф на државата Стевчо Јакимовски се најде на „црната листа“ на САД.

Согласно Член 7, став 1 од Изборниот законик, кандидат за претседател на Републиката може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател на Републиката утврдени со Уставот.

Во Уставот, изборот на претседател на Републиката се регулира со членот 80 кој гласи:

„Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија. За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години“.

Како претседателски кандидат на ГРОМ, Јакимовски денеска во ДИК ги предаде собраните 11 468 потписи за претседателски кандидат на претстојните избори. Тој упати благодарност до граѓаните кои ја потврдија неговата кандидатура за претседател и ги повика на претседателските избори да ја дадат својата поддршка за влез во вториот круг.

Неколку часа подоцна, американскиот Стејт департмент соопшти дека поради вмешаноста во значителна корупција именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и Јакимовски.

Освен Јакимовски на листата се најде и поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева.

Во извештајот се вели дека постапките на Јанева и Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата.

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во изјава што на својот фејсбук-профил ја пренесе амбасадата вели дека САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта, или заедница, кои што се вмешани во значителна корупција.

Пронајдете не на следниве мрежи: