Успеавме со членството во НАТО, до крај ќе го истераме и членството во ЕУ


„Не беше лесно да се донесат одлуките, но јас не се криев, ниту седев на страна. Лидерството значи да се обезбеди иднината и да се преземе одговорност“, истакна вечерва лидерот на СДСМ – Димитар Ковачевски, на големата партиска трибина во Скопје, која, како што посочи, ја одбележува и едногодишнината од неговиот мандат на чело на партијата (за претседател на СДСМ беше избран на вонредните внатрепартиски избори на 12 декември 2021 година).

Со прифаќањето на функцијата, мислејќи пред сѐ на премиерската, Ковачевски рече дека свесно влегол директно во огнот на домашните и надворешни, стари и нови фронтови, со цел за побрзо да испорача резултат.

Тука Ковачевски, меѓу другото, ги вброи и справувањето со енергетската криза преку енергетска транзиција кон обновливи извори, како и зголемувањата на платите и пензиите, но најголемиот резултат, сугерираше во говорот, е постигнатиот француски предлог и „започнатите преговори за членство во ЕУ“. Во овој дел, повтори дека го делел со граѓаните она „мачно чувство, како некој да ве сече во стомакот“.

„Често зборувам јас за тоа тешко чувство кое верувам многумина го имале. После сѐ што се изнаслушавме во текот на летото, целата хистерија која беше направена, тоа чувство го имавте и вие во оваа сала и голем дел од граѓаните. Истото чувство го имав и јас. Тоа беше чувство како со нож некој да ви го сече стомакот. Но, јас немав право на дилема, на лично мислење или дневни емоции. Јас имав само обврска, многу тешка обврска, да го креираме најмалку болниот компромис, за да ја спроведеме зацртаната стратешка цел на државата од пред 30 години“, рече Ковачевски пред сопартијците во салата „Борис Трајковски“.

Со таа одлука, рече Ковачевски, обезбеден е европкиот пат, но и заштитени се македонскиот идентитет и македонската посебност.

„Заедно со мојот тим, имавме јасна цел! Не мислејќи на својот рејтинг, не плашејќи се од црната домашна и надворешна кампања, без разлика на сите домашни и странски минати и сегашни противници, да ја исполниме светата мисија! Целосно, цврсто и силно да го заштитиме вековниот македонски историски и културен идентитет, засебност, традиција и јазик. Засекогаш и насекаде! И во исто време брзо да се движиме во Европската Унија!

Многумина во тие моменти, ми велеа ‘откажи се, дигни раце, не ти треба ова! ЕУ не нѐ сака!’… Е, драги мои, првпат пред сите ќе го кажам тоа што го знаат моите најблиски соработници! На сите им реков! Може да успееме! Да бидеме Македонци, и како такви да седиме на големата маса во Брисел! Кој не мисли дека тоа е возможно, нека се тргне на страна! Јас одлуката ја донесов, бидејќи знам дека таа е најдобра за државата и за нашите сегашни и идни поколенија“, рече лидерот на СДСМ и премиер на Владата.

„Особено сум горд што успеавме, конечно, после толку години, по 17 години, да ги започнеме преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Направивме голем успех за државата!“, додаде тој, уверувајќи дека и патот до членство во ЕУ ќе биде истеран до крај.

„Направивме голем успех за државата! Ако претходно успеавме со полноправното членство во НАТО, ние, СДСМ со поддршка на граѓаните, до крај ќе го истераме нашето полноправно членство во Европската Унија! Бидете убедени во тоа“, порача Ковачевски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.