Своевремено, додека бев член на Советот на Град Скопје од редовите на #Левица, заедно со моите другари од Советничката група во Советот инициравме постапка за да се поништи одлуката со која еден куп улици во Скопје се именуваа по фашистички колаборатори, на сметка на тоа што беа избришани имиња на улици кои го слават антифашистичкото минато и вредности на Македонија.
Имено, накратко да потсетам на само дел од спорните промени и именувања:
– „Втора македонска Бригада“ се преименува во „Адем Демачи“;
– Булевар „Словенија“ во „Хасан Приштина“;
– „Лазар Танев“ беше преименувана во „Ушкин Хоти“
– „Коста Абрашашевиќ“ во „ЛПК“ (Национално движење на косово?!)
Во оваа насока беа именувани и улици по Беким Фехмиу, Сул Холта, Халим Шуку, и слични историски личности, кои не само што немаат никаква врска со Македонија, туку недвосмислено се во корпусот на балистичката идеологија како гранка на фашистичкото движење на балканот – фашистички колаборатори.
Ќе споредам само две имиња, а за другите вие истражете си:
*ЛАЗАР ТАНЕВ vs СУЛ ХОТЛА:
– Лазар Танев бил македонски социјалист, борец за работнички права, стар скопјанец од Пајко Мало, во 1920 година. бил избран за одборник на Црвената скопска општина. Поради ширењето на прогресивни идеи бил прогонуван од полицијата и затворан, а неговата вредна библиотека уништена. Бил ангажиран за решавање на националното прашање, а тајните состаноци главно се одржувале во неговиот дом. Кај него се печателе материјали за Комунистичката партија и во времето на Народно ослободителната борба против бугарската фашистичка окупација. Поради своите заслуги од 1944 до 1945 година ја извршувал функцијата градоначалник на Скопје.
– Сул Хотла (роден Сулејман Асип Сулејмани 1875 – 11 октомври 1947), бил албански бунтовник, член на ВМРО и воен водач на Бали комбат, кој го предводел Карадачко-Голачкото востание против југословенските и бугарските партизани во регионот на кумановско Карадак. За време на Првата балканска војна водел битки против српските сили. Во 1916 година, за време на бугарската окупација на Куманово во Првата светска војна, се приклучил на одредот на ВМРО предводен од Крсто Лазаров. За време на Вардарска Македонија во 1922 година Хотла повторно станал качак, поради што завршил во затвор. За време на бугарската окупација на Македонија бугарските власти го поставиле за началник на полицискиот оддел во Матејче, повторно под водство на Крсто Лазаров од ВМРО. Хотла со други доброволци од Карадак им помагале на Бугарите во борбата против комунистичките партизански сили.
За жал иницијативата пропадна поради тоа што Седницата беше напуштена од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ како најголема советничка група во Советот на Град Скопје.
Не ни остана ништо друго освен одлуката да ја осориме на Уставен Суд, и правниот тим на Партијата поднесе Иницијатива до Уставен Суд. Но ете, Судот не нашол за сходно да отвори предмет за уставоста и законитоста на одлуката.
Освен формалните и процедурални прекршувања во постапката за носење на оваа скандалозна одлука, јас тука само ќе потсетам на Член 6 од Законот за именување улици, па проценете сами:
(1) Не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.
П.С. Рушењето на АСНОМска Македонија е познат влажен сон на владеачките елити во Македонија – дел од нив поради идеолошки наслаги од нивното врховистичко и балистичко минато а дел како оправдание за „услогласување со европските вредности“, НО, после сиве овие години едно е сигурно: Македонија или е АСНОМска или ја нема!
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.