Утре Атина ќе испрати Вербална Нота до Скопје

Според алтернативниот министер за надворешни работи на Грција во понеделник Атина ќе испрати до Скопје Вербална нота што ќе информира дека Грција го ратификуваше и Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, Јоргос Катругалос ги објаснува следните чекори откако грчкиот Парламент во петокот даде зелено светло за Протоколот за членство во НАТО, а на 25 јануари го ратификуваше Договорот од Преспа.
– Во понеделник ќе биде испратена Вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име. И секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено, објаснува Катругалос, за грчката новинска агенција, а пренесува МИА.
На прашањето дали од следната седмица соседната земја ќе биде обврзана да го користи новото име, Катругалос за АНА-МПА одговара позитивно и додава дека Договорот од Преспа е јасен во однос на тоа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.