Рождество на Пресвета Богородица (познат и како Мала Богородица) е еден од најголемите празници на Православната Црква.
Црквата го востановила овој празник поради посебното значење што го има пресвета Богородица, па во врска со тоа и нејзиното раѓање во Божјата економија на спасението. Онаа што подоцна ќе го роди Бога се роди од благочестивите родители Јоаким и Ана. Јоаким потекнуваше од еврејскиот царски род, а Ана од свештеничкиот. Долго време немаа деца, цели 50 години, но имаа цврста вера во Бога и срдечно се молеа да им биде дадено дете.
Голема им беше радоста кога се роди Марија, но голема беше и нивната чесност пред Бога, па тие, не заборавајќи дека Бог на посебен начин им го дал детето, ја дадоа Марија да се воспитува во Ерусалимскиот храм до времето кога му стана свршеница на праведниот Јосиф, т.е. кога Бог одреди да ја прими благата вест од ангелот дека ќе го роди Спасителот на светот.
Во народот се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.