Според последните информации од Кривичниот суд дванаесетмина од обвинетите за 27-ми април веќе ја искористиле можноста предвидена со Законот за амнестија. Законот предвидува дека амнестија може да добијат лицата кои не биле организатори или нарачатели на упадот во Собранието и на 27-ми април не извршиле насилство. Од вкупниот број на обвинети 31 лице се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, а двајца за поттикнување.
Од судот информираат дека до претпладнево до нив пристигнале 12 барања. Амнестија веќе побарале пратеникот Крсто Муковски, Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски – Кољо, Горанче Ангеловски, Иван Цветановски, Младен Додевски и Оливер Радулов.
Пратеникот Љубен Арнаудов во телефонски разговор потврдил дека ќе поднесе барање, а Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски ќе одлучат како ќе делуваат по консултација со адвокатите. Барања за амнестија се очекува и од водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски. Нивните адвокати се убедени дека имаат право на амнестија. По истекот на рокот за поднесување барања, Судот и Јавното обвинителство ќе одлучуваат кој ќе биде амнестиран. Двете институции имаат рок од пет дена да ги разгледаат барањата и да одлучат по нив.
Од Јавното обвинителство објаснуваат дека доколку судот на лицето кое поднело барање му одговори веднаш, значи дека не ги исполнува законските услови и не му е одобрено барањето и за него ќе продолжи судскиот процес. Доколку барателот не добие одговор веднаш, тоа значи дека доказите за него се разгледуваат и во законски предвидениот рок ќе биде донесена одлука.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.