Од утре почнува примената на рестриктивните мерки што ги донесе Владата по препорака на Комисијата за заразни болести. Со мерките кои ќе бидат во сила до 20 јануари, работното време на угостителските објекти се скратува до 18 часот, а се забранува и организирање и одржување прослави на претстојните новогодишни и верски празници.
Мерките не дозволуваат ниту организирање Нова година на отворен и затворен простор од физички и правни субјекти. Ова се однесува и на јавните институции, поради што на општините и на сите организации основани од локалната самоуправа им се укажува дека освен што е забрането секакво групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, треба да се откажат и прославите што се веќе евентуално закажани.
Во рестриктивните мерки е вклучена и забраната за хотелите за организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници. И тие, ако веќе имаат организирано новогодишни прослави, треба да ги откажат.
Во угостителско-сместувачките објекти (хотели, мотели, хостели) и нивните ресторани се ограничува работното време до 21 часот. Тие ќе може да работат исклучиво за пансионските гости и само за време на послужување на оброците. Се ограничува работното време и во кафетериите, баровите и шанковите во угостителските сместувачки објекти до 18 часот.
Со новите мерки се забранува и изнајмувањето викендици и други туристички капацитети за сместување, за групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за лица од едно, исто семејство.
Вчера, ковид-билансот беше 865 нови случаи, 641 оздравен пациент и починати 25 лица. Порака да се остане дома за празниците упатија и министерот за здравство, Венко Филипче и претседателот на државата, Стево Пендаровски и здравствените работници, а Владата почна кампања за одговорно празување.
Филипче повторно апелираше и да не се излегува надвор во овој период ако за тоа нема некоја вистинска, голема потреба. Тој оцени дека отворените граници не се ризик за влошување на епидемиолошката ситуација. Напротив, рече, локалната трансмисија е главниот можен ризик и затоа се такви рестриктивните мерки.
„Луѓето да не се групираат на штандовите. За време на претстојните празници, слави, на новогодишната ноќ граѓаните да останат во рамките на своето семејство, заради тоа што видовме дека мини кластери потекнуваат таму каде има поголем број луѓе од повеќе семејства“, истакна Филипче.
Во годишното обраќање претседателот Пендаровски ги повика граѓаните претстојните празници да ги прослават во кругот на семејствата, со најблиските.
„Изминатава година, како народ, поминавме низ најголемата голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани. Плативме огромна цена, над 2100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек. Честитајќи ви ги на сите престојните празници, сакам, не само како претседател, туку како еден од вас, да ве замолам да ги прославите дома во кругот на најблиските за да го сочуваме најскапоценото што го имаме – здравјето и животот. Кога издржавме цела година, со маски, карантин, изолација и ограничено движење, ве молам, да издржиме уште некој месец пред да почнеме да се враќаме во нормала. Ќе има време и за излегување и за дружење и за муабети со пријателите и другарите. Но, премногу луѓе изгубивме за да си дозволиме нови човечки и семејни трагедии“, рече Пендаровски.
Претседателот посебно се задржа на претстојната кампања за вакцинирање, укажувајќи дека не смее да се дозволи за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња кои изминатите два века, откривајќи ги вакцините, спасија милиони човечки животи.
„Она што сигурно нѐ очекува е нов бран негативни кампањи кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење теории на заговор на социјалните мрежи. Затоа, кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме, во 21-от век, за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи“, потенцира Пендаровски кој по обраќањето имаше средба со министерот Филипче, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на која беа разменети информации за актуелната ситуација со ковид-19, како и за мерките и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата.
Здравствените работници ја поддржуваат кампањата „Празнувај одговорно“. Има време, велат, за големи журки и забави. Не смееме сега да се опуштаме, мора да избегнуваме групирања.
„Ако нешто нѐ научи оваа 2020 година тоа е сигурно дека најважни се нашите семејства и нашите најблиски. Во тој дух да ги прославиме и претстојните новогодишни празници, во кругот на најблиските. Поминавме исклучително тешка година и да се потсетиме дека не смееме да се откажеме, посебно не сега, во последните мигови. Има време за големи журки и забави. Да не се опуштаме сега, да избегнеме собири, ќе има други прослави на Нова година. Сега е важно сите да останеме дома, да не се групираме. Граѓаните новогодишните празници да ги поминат во кругот на најтесното семејство, без да се групираат, за да може наредната Нова година да биде сосема на друг начин прославена. Направете го тоа за вашите најмили, а со тоа ќе не заштитите и нас. Оваа состојба ќе заврши еден ден и ќе имаме многу подобро утре“, порачуваат здравствените работници.
Тие апелираат до сите граѓани сѐ што можат да одложат за следните нови години да ни бидат подобри, да ги почитуваат мерките за заштита и превенција за да излеземе од ситуацијата како победници.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 75.597, оздравеле 51.493 пациенти, а починале 2.194. Бројот на активни случаи е 21.910.