Утре почнуваат разговорите за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, најави Муцунски

На средбата, како што рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе стартуваат разговорите меѓу двата политички субјекта за евентуалната соработка во рамки на идната влада. Не очекува дека уште утре би се дошло до договор, но вели дека тој е извесен доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, вечерва за Телевизија Алсат официјално најави дека утре напладне очекуваат да се одржи првата средба на работната група на ВМРО-ДПМНЕ предводена од партискиот лидер Христијан Мицкоски и претставниците на коалицијата „Вреди“ на партиите на Албанците.

Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

На средбата, како што рече Муцунски, ќе стартуваат разговорите меѓу двата политички субјекта за евентуалната соработка во рамки на идната влада. Не очекува дека уште утре би се дошло до договор, но вели дека тој е извесен доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните.

„Утре ќе почнат разговорите. Секако, уверен сум дека нема да се дојде до заеднички јазик веднаш на првиот состанок. Ќе се претстават позициите на двете страни, ќе видиме какви ќе бидат гледиштата, но доколку имаме меѓусебна добра верба, доколку сме реални за очекувањата и доколку сме фокусирани на креирање политики во интерес на граѓаните да ја вратиме надежта во оваа безнадежна држава, безнадежноста којашто беше, јас би рекол, главен симбол на последните седум години од владеењето на СДСМ и ДУИ, тогаш ќе најдеме заеднички јазик. Оптимистички е да се рече дека утре тоа ќе го успееме, но верувам дека брзо ќе најдеме конкретен план“,

изјави Муцунски за Алсат.

Рече дека со претставниците на „Вреди“ сè уште не разговарале за конкретни прашања и барања во поглед на нивно евентуално учество во идниот владин состав.

Муцунски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ веќе презема конкретни мерки за, како што вели, формирање на контурите на изгледот на идната влада и додава оти очекувањата се дека и без поголем политички субјект може да се стигне до бројката од 61 пратеник бидејќи сè повеќе пратеници во моментов сакаат да бидат дел од мнозинството.

По убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите пред два дена, лидерот Христијан Мицкоски денеска во седиштето на партијата одржа состанок со претседателите на партиите кои се дел од коалицијата „Твоја Македонија“ од кои рече дека добил поддршка за отпочнување преговори за состав на идната влада.

Според изјавите на Мицкоски од последните денови, сè поизвесно е дека коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците ќе биде коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во идната влада. Формален договор за соработка засега не постои, но Мицкоски вели дека се во неформална комуникација со „Вреди“ за ова прашање.

Пронајдете не на следниве мрежи: