Деветнаесет литри дожд на квадратен метар наврнаа до 17 часот во Крива Паланка, 14 во Виница, 12 во Берово, шест во Маврово, пет кај Зајчев рид во Скопје и во Лазарополе, четири во Ѓуриште, информира попладнево Управата за хидрометеоролошки работи.
Во вечерните часови ќе се задржи променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилни врнежи и силен ветер.
Времето утре ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб до умерен северен ветер. Утринската температура ќе се движи од 10 до 17 степени, а дневната од 23 до 30 степени. УВ индексот ќе биде 9.
Во Скопје и околината времето ќе биде сончево со мала облачност и со слаб до умерен северен ветер. Утринската температура ќе достигне до 14 степени, а дневната до 27 степени.
Од утре до сабота ќе преовладува стабилно и посвежо време со умерен северен ветер. Во недела се очекува нов влажен бран со повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни, информираа од УХМР.