Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против еден жител на селото Орешани за кривично дело – Уцена предвидено и казниво согласно член 259 став 1 од Кривичниот законик.
За лицето на возраст од 22 години постои основано сомнение дека, со намера да прибави противправна имотна корист, уценувало своја 26-годишна познаничка дека за неа ќе открие, односно јавно ќе објави компромитирачки материјал – фотографии кои ќе и наштетат на нејзината чест или углед.
На тој начин осомничениот ја присилил оштетената да му даде парични средства во висина од околу 200 евра.
-Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти со оштетената, информираат од Јавното обвинителство.