Учебната година почнува на 1 октомври

Учебната година ќе почне на 1 октомври, одлучи Владата на денешната 82-ра седница и го задолжи Министерството за образование да го промени календарот за почеток на учебната година.
– Владата го задолжи Министерството за образование и наука да го промени календарот за учебната 2020/2021 година со што наставниот процес наместо на 1-ви септември да започне на 1-ви октомври 2020 година, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Владата на денешната седница ги усвои Протоколите за постапување на основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.
Во Протоколот за основните и средните училишта се предвидува наставата да се одвива со почитување на мерките за заштита, односно, носење маска, држење дистанца и хигиена на раце.

Родителите се должни секој ден да му мерат на ученикот температура, а во случај на покачена над 37 степени, детето не смее да се носи на училиште. Наставата во основните училишта се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците. Во Протоколот за основно училиште е предвидено да нема мешање на учененици од различни паралелки и друго.
Во Протоколот за средните училишта, меѓу другото, е предвидено училиштата да воведат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица кои истовремено се присутни во соблекувалните и контролирано излегување и влегување во соблекувалните. На влезот во училиштето се поставуваат средства за дезинфекција, како и во училниците и другите простории. Вработените при влезот задолжително ги дезинфицираат обувките и рацете и друго.
Владата денеска донесе одлука за формирање на работна група во којашто ќе учествуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија.
-Оваа работна група ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и средните училишта за спроведување на наставата во услови на КОВИД-19 по поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, како исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното, информираат од Владата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.