Основците и средношколците од денеска се на зимски распуст кој ќе трае до 20 јануари. Наредниот ден учениците ќе ја продолжат наставата од второто полугодие на учебната 2020/2021 – во училишните клупи или пред ИТ-уредите.
Зимскиот распуст е во период како и во минатите години и, иако имаше барања, не беше предвремен затоа што повеќето од вкупниот број ученици во земјава наставата ја следат онлајн, а кај оние со физичко присуство, како што информираше МОН, заразени ученици и наставници има под еден процент и училиштата не се преносители на вирусот.
Оваа година првото полугодие траеше пократко, три месеци, зашто согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.