Насилството меѓу децата и младите, со посебен акцент на булингот и сајбербулингот, е во фокусот на тридневната филмска работилница „Снимај паметно, остави трага“, која ја организираат Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ и Општина Кисела Вода.
Работилницата се одржува во Домот на културата „Билјана Беличанец“, под менторство на режисерката Марија Џиџева.
Учениците од осмо и деветто одделение ги поминуваат сите фази на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање со мобилен телефон, до финална монтажа. Целта е технологијата, која често е простор каде што се појавува сајбернасилство, да се претвори во алатка за креативно изразување и испраќање пораки.
„Целта на овие кратки форми е тимски да создадеме филмови каде што ќе го чуеме гласот на младите, ќе откриеме што ги мачи и ќе им помогнеме на возрасните подобро да разберат како децата денес ги доживуваат булингот и сајбернасилството“, вели Џиџева.
Кратките филмови создадени на работилницата премиерно ќе бидат прикажани на претстојното издание на „Киненова“, кое се отвора на 14 октомври во киното „Фросина“.



