Уште една смена во врвот на украинската армија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска го назначи генерал-мајор Анатолиј Бархилевич за нов началник на Генералштабот, по разрешувањето на Серхи Шаптала.

Во своето ноќно обраќање, Зеленски го опиша Бархилевич како „искусен поединец кој ги разбира задачите на оваа војна и целите на Украина“, пренесува Ројтерс.

Тој истакна дека именувањето е извршено по препорака на новиот врховен командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски.

Сирски беше назначен во четвртокот, откако Валери Залужни беше разрешен од таа функција.

Во таа прилика Зеленски додаде дека раководењето со украинската армија го презема нов тим.

„Сакам визијата за војната да биде иста за нашите војници во Роботин, Авдијевка и Генералштабот“, рече во четвртокот украинскиот претседател.

Во 2020 година, Зеленски ја воведе новата функција врховен командант на вооружените сили, покрај досегашната позиција началник на Генералштабот.

До таа промена, началникот на Генералштабот беше врховен командант на украинската армија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.