Уште едно студенско собрание се огради од УСС и министерката! „Неправото не продуцира право! Партизираните деца не најавуваат непартизираност!Трагедијата не е политички капитал!“

Студентите од Факултетското студентско собрание при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје испратија реакција до медиумите по многуте реакции по собирот за оддавање почит на загинатите во пожарот во Кочани. Имено, на овој собир говор одржа и министерката за образование и наука, што наиде на негодување од страна на многу студенти, по што во јавноста се прошири информација дека е изгласана недоверба на делегатите на УСС при УКИМ. Студентите од Правниот факултет истакнуваат дека тоа е невистина.

Во продолжение интегрално го пренесуваме целото соопштение.

„Наши колеги, но пред сè пријатели и сограѓани кои длабоко ја чувствуваме болката која ни ја всади трагедијата во Кочани. Сите сме изреволтирани, вознемирени и растревожени од континуираното потфрлање на системот и институциите. Како студенти на Правен, како никогаш досега се соочуваме со тоа дека правдата е само концепт и дека ништо нема да ни ги врати тие прекрасни, млади и надежни животи.

Изразуваме големо жалење и негодување што нашите колеги – студентски претставници на Филозофскиот факултет, кои видно не ги познаваат своите надлежности, ниту одговорности (а се бирани од своите студенти), ја узурпираа ситуацијата да изманипулираат искрени и чесни студентски грла во трагедијата која нè снајде.

Согласно нормативните акти, студентско собрание на одреден факултет (на пр., Правен, Филозофски), може да именува само двајца делегати во редовите на УСС согласно чл. 36 ст. 3 од ЗВО. Понатаму, ЗВО остава простор истите делегати да се променат или отповикаат од страна на факултетското собрание кое ги избрало. Дополнително, единствен механизам за изразување револт во случај на несогласување на ФСС со работата на УСС е отповикување на избраните претставници и да не именува нови.

Уште повеќе, ФСС на Филозофскиот факултет сè уште ги нема отповикано делегатите кои се претходно избрани (иако веќе ги преплавија медиумите за мало внимание „како изгласале недоверба“), туку напротив, истите делегати активно учествуваа на последната седница на УСС.

Бараме јавно извинување од страна на членовите на студентското собрание на Филозофскиот факултет, не кон ФСС-ПФ, Правен, УСС, УКИМ – туку кон сите нас, студентите, бидејќи го злоупотребуваат просторот со ширење лажни информации, кои, за жал, се базираат на нивна правна лаичност. Една од причините зад таа лаичност е токму и партиската припадност на дел од членовите на тоа собрание, кои впрочем први ја споделија таа вест – не само по студентските канали на комуникација, туку и во медиумите.

Неправото не продуцира право. Партизираните деца не најавуваат непартизираност. Неинформираноста не поттикнува просперитет и здраворазумно дејствување во едно општество. Трагедијата НЕ е политички капитал.

Во моменти кога болката нè разорува, а неправдата нè гуши, единственото и рационалното размислување се потребни повеќе од кога било. Тагата ни е заедничка. Гневот ни гори во градите. Но, не смееме да дозволиме да нè поделат токму сега, кога најмногу ни треба сплотеност. Ова не е време за лични агенди и индивидуално профитирање – ова е време за борба, за студентска солидарност и заеднички отпор против корупцијата и нефункционалниот систем.

Животот е едноставен и нагло се менува. Видовме…“

Факултетско студентско собрание на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Пронајдете не на следниве мрежи: