Здравствените власти во Кина конфискуваа близу два тона чоколадни колачиња од шведска ИКЕА, откако најдоа зголемени нивоа на бактерии кои вообичаено се наоѓаат во човековиот гастроинтестинален тракт.
Според „Shanghai Daily”, високите нивоа на бактеријата колиформ, се најдени во доставените чоколадни колачиња со бадем, а надлежните наредиле уништување на 1,87 тони од овој десерт.
Пратката стигнала во Шангај од Шведска во јануари.
Колиформ бактеријата вообичаено се наоѓа во голем број во изметот (фецес) на топлокрвните животни, а се користи како бактериски индикатор за санитарен квалитет на храната и водата.
Портпаролот на ИКЕА, Илва Магнусон за шведската новинска агенција TT вели дека нејзината фирма се обидува да дојде до повеќе информации
ИКЕА чоколадните колачиња паднале на тестот на кинеските санитерни власти, меѓу други 247 производи.
„Ние купуваме чоколадо од еден добавувач. Тоа е со врвен квалитет, а тие колачиња се носат во сите магацини. Постојат правила според кои мора да се постават вистинските прашања”, вели Магнусон за TT.
Откривањето на фекална бактерија во колачињата на ИКЕА доаѓа по само една седмица откако во месните топчиња беше откриено коњско месо, што предизвика нивно повлекување од рафтовите.
По истрагата се покажа дека месото потекнува од нивниот набавувач кој го купува од кланици ширум Полска.
За весникот Aftonbladet, Магнусон вели дека ИКЕА останува посветена на квалитетот.
„Важно е производите кои содржат бактерија да не стигнат до купувачите”, додава таа. „Безбедноста на нашите продукти ни е многу важна”.
Макфакс
Здравствените власти во Кина конфискуваа близу два тона чоколадни колачиња од шведска ИКЕА, откако најдоа зголемени ни