Фестивалот „Видик“ повторно ќе ги отвори вратите за љубителите на културата од 2 до 16 април 2025 година, во организација на „Литература.мк“. Со уникатен пристап кој вклучува различни културни дисциплини, „Видик“ нуди платформа за поддршка на сите културни творци, отворајќи нови хоризонти. Оваа година, фестивалот носи хуманитарна димензија, бидејќи собраните средства од продажбата на билетите за музичките и театарските настани ќе бидат наменети за настраданите во Кочани.
Настаните ќе се одржат во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, нудејќи богата програма од 15 активности кои ги обединуваат литературата, музиката, театарот и уметноста. Посетителите ќе имаат можност да доживеат промоции на нови книги, музички настапи, театарски претстави, изложби на уметнички творби и проекции на документарни филмови и мултимедијални содржини.
Фестивалот ќе започне на 2 април, со промоција на романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска, која ќе биде претставена од Илина Јакимовска, а извадоците ќе ги читаат познати актерки. На 3 април, публиката ќе може да ја види претставата „Лекција“ од Ежен Јонеско, со извонредна актерска екипа. На 4 април ќе се одржи промоцијата на книгата „Панонскиот адмирал“ посветена на Ѓорѓе Балашевиќ, следена од музички настап на Rumble Acoustic.
На 5 април, во рамките на фестивалот, Дина Јашари ќе одржи концерт. На програмата на 6 април е детската театарска претстава „Магичната флејта на Вулфи“. Потоа, на 8 април ќе се отвори изложба на илустрации од Ване Костуранов. Наредниот ден, 9 април, е резервиран за промоција на новиот роман на Моџо Килингтон, додека на 10 април ќе се одржи концерт на „Симеон Ангеловски квартет“.
Монодрамата „Сите најубави нешта“ ќе биде изведена на 11 април. Следниот ден, на 12 април, ќе се одржи концерт на Зарина Првасевда. На 13 април, децата ќе имаат можност да ја видат театарската претстава „Себастијан и sвездите“. На 15 април, ќе има вечер посветена на уметноста на Киро Урдин. Затворањето на фестивалот „Видик“ ќе биде на 16 април со промоција на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски, кој ќе заврши со музички настап на „Јани Костурски квартет“.
The post Фестивалот „Видик“ повторно во градот appeared first on 365.mk.