Фестивал Литера Оваа година, под мотото „Под исто небо“, седмиот Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ќе ги собере на едно место авторите, илустраторите, издавачите, децата и сите љубители на детската литература и уметност. Фестивалот ќе се одржи во Сули ан, каде се наоѓа и Факултетот за ликовни уметности. Свеченото отворање е закажано за 23 април, среда, во 19:30 часот, и ќе биде проследено со изложба на илустрации од Ордан Манески, еден од основоположниците на македонската графика и детска илустрација. На отворањето ќе биде претставена и програмата на фестивалот, а за доброто расположение ќе се погрижи диџеј Гоце САФ. Програмата оваа година е исполнета со интересни активности, инспиративни разговори, креативни работилници и изложби посветени на детската имагинација и силата на нарацијата. За време на фестивалот ќе бидат промовирани нови сликовници, илустрации и автори. Халкбанк, со своето штедливо слонче Халки, ќе биде дел од оваа богата тридневна манифестација. Литера добива поддршка и од Министерството за култура и туризам. „Веќе седма година Литера е неизоставен дел од културниот пејзаж на Скопје и Македонија. Радосни сме што фестивалот продолжува да се развива и создава нови можности за дијалог меѓу уметниците и младите читатели. Под мотото „Под исто небо“, сакаме да пренесеме порака дека сите приказни имаат врска, без разлика на јазикот, бојата или границите“, изјавија од тимот на Литера. Изложбата на Ордан Манески ќе биде достапна до 30 април и е бесплатна за сите посетители, како и сите други настани во рамките на фестивалот.
The post Фестивалот за литература и илустрација за деца Литера 2025 со разновидна програма appeared first on 365.mk.