На дводневниот фестивал децата ќе се запознаат со процесот на создавање сликовница, предвиден е разговор на тема „Сликовница без граница“, а ќе биде отворена и изложбата „Дом без граници“
Скопје, 13 октомври – Патувачкиот карван на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, утре и в сабота (14 и 15 октомври), ќе застане во Гевгелија. По покана на Домот на културата „Македонија“, фестивалот се одржува во рамките на одбележувањето на детската недела.
Децата во Гевгелија ќе можат да учествуваат на работилници за тоа како се прави сликовница, да се запознаат и заедно да читаат од поновите сликовници за деца од домашни автори. Тимот на „Литера“ ќе ги посети основните училишта во Гевгелија – „Владо Кантарџиев“ и Крсте Мисирков“, како и ОУ „Ристо Шуклев“ во Негорци.
На 14 октомври во 20 часот, во Домот на културата „Македонија“, ќе биде поставена изложба на македонска илустрација „Дом без граници“, на која ќе бидат прикажани илустрации на авторите: Кристијан Јовановски, Наташа Андонова, Инес Ефремова и Надица Златкова. Изложбата неодамна беше поставена и во Пазин, Хрватска на фестивалот „Овца во кутија“, каде имаше одличен одѕив.
-По подолго време децата ќе може да размислуваат во боја. Илустрацијата е многу важна, а јас како ликовен уметник сметам дека е исклучително важно децата визуелно да го запознаат светот. Сметам дека е многу важно да се промовираат вистинските вредности во однос на умeтеноста, културата и начинот на живеење. Работата со деца е како да се занимавате со иднината. Македонската илустрација, последните неколку години е во голем подем и тоа благодарение токму на „Литера“. Ова е одлична можност и за сите гевгеличани да ја погледнат оваа изложба – вели Мирјана Крстева Массетти, директорка на Домот на културата.
На втората работилница, што ќе се одржи во Домот, во сабота во 10.30 часот, децата ќе се запознаат со процесот на создавање сликовница, а во 12 часот следува и разговoр на темата: „Сликовница без граница“.
Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ го организира Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ и годинава има исклучително патувачки карактер. Досега тимот ги посети: Богданци, Валандово, Казандол, Чалакли и Пазин, остварувајќи ја својата мисија да ги доближи квалитетните изданија до што повеќе деца, во сите краеви од нашата земја, но и во странство.
Четвртото издание на „Литера“ е потпомогнато од Халкбанк АД Скопје, а е поддржано и од Министерството за култура.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.