Оваа сабота во едукативниот културен центар „Лабораториум” се одржа првиот фестивал на современа македонска поп музика „Поп култура” како дел од платформата „Силата ЕУ младите”. На фестивалот настапија музичари од актуелната домашна поп генерација: Young Dadi, Zee, Matej Foltz и Vanski, диџеј Dimchuga и гостинката од Србија, младата раперка Mlada Beba.
– Мислам дека на фестивалите најмногу можеме да се споиме со публиката и да ја почувствуваме таа енергија. Важни ни се тие интимни настапи. Фестивалите се секогаш добри за џускање и за откривање на нова музика и нови луѓе, така што многу е важно да се отиде на фестивал. За мене е важно да имам прилика да влезам во Македонија и во Скопје и да ја покажам мојата музика на некое ново место. Кој би знаел кога јас би имала прилика да дојдам овде и да нема вакви настани – вели Млада Беба, артистка од Србија.
Нејзината музика креирана со љубов и страст како што и самата вели, е различна од другите и ја претставува неа како личност и како артист.
– Мојата музика не е баш нешто комерцијална и е експериментална. Се трудам секоја песна и се тоа што го правам да е поразлично, но сепак не намерно туку баш јас како јас. Така што сум задоволна. Имам некоја група на фанови кои разбираат и тотално сум во ред со тоа што имам, со тие фанови што го прифаќаат тоа што сум. Тоа ми е некоја измислена приказна која ми е квалитетна и стабилна и многу сум среќна за тоа што го имам. Јас повеќе го гледам ова како љубов, страст. Ова е за мене начин да го изразам она што сум и не ми е нужен тој маркетинг, ова го правам од љубов- објаснува Млада Беба.
Инаку „Поп култура” прави пресек на хип-хоп движењето, како најраспространета и најпопуларна форма за израз на денешната младина, кое се развива во една свежа, модерна и динамична сцена, како носечка сила на новата генерација млади творци, чија музика веќе има свој одек и признание во регионот. Талентот и посветена работа ги прават овие музичари кремот на современата поп-хоп и воопшто млада македонска урбана култура.
-Мислам дека има ефект се што правиме. Моментално сме распространети не само на лајв настани, туку и правиме журки и во година дена се распространивме насекаде, поготово низ Скопје. Пласираме нова музика, пласираме нов бран и пласираме некоја наша порака која ја носиме ние младите како Gen Z генерација. Така да, мислам дека имаме ефект бидејќи журките ни се посетени, музиката ни е слушана, гледаме дека и на некој начин сме инфлуентални исто така со стилот кој го имаме, така да мислам дека правиме некоја промена. Младите луѓе сакаат промени и мислам дека им е преку глава од се, посебно тука. Преку глава име е од нешто што е тука веќе 20 години монотоно. И доаѓа едно шаренило, доаѓа боја која ја фрламе онака на сивилото овде и има малку бунтовност. Би можел да кажам дека ете стига некоја бунтовност. Мислам дека се повеќе се почитува креативноста, експресијата. Мислам дека се по луѓето open-minded, а новата генерација е спремна да направи голема промена овде- вели поп артистот Young Dadi.
„Поп Култура“ во склоп на платформата „Силата ЕУ младите” наскоро ќе добие и винил издание, албум-компилација кој дава пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Компилацијата претставува значаен историски документ, запис за времето и квалитетот на оваа сцена, на сè уште најценетиот носач на звук во светот – винилот. Плочата ќе биде во издание на „ПМГ Рекордингс” од Скопје.
Aдријана Георгиев