Фејсбук го доживеа најголемиот крах во историјата

Социјалната мрежа Фејсбук главно профункционира по најголемиот пад во историјата. Но сѐ уште има големи проблеми низ целиот свет, јавува Си-Ен-Ен.

Повеќе од 17 часа траат големите проблеми со најголемата социјална мрежа. Станува збор за најверојатно најголемиот крах на Фејсбук во историјата на неговото постоење. Денес проблемите се сѐ уште присутни низ светот. Ситуацијата е подобра, но мрежата сѐ уште има проблеми на глобално ниво.
Фејсбук преку Твитер мораше да објаснува што се случило. Не кажаа многу, само истакнаа дека не станува збор за хакерски напад.
Големи проблеми имаат и Уатсап, Месинџер и Инстаграм, апликациите кои се во сопственост на Фејсбук. Првите проблеми почнаа вчера околу 17 часот по наше време. Иако Фејсбук се отвораше, многумина пријавија проблеми со постовите.
Проблеми имаше и Инстаграм. Корисниците не можеа да ја рефрешираат првата страница ниту да објавуваат фотографии. Сепак, утринава Инстаграм соопшти дека проблемите се отстранети.
Последен пат Фејсбук вакви проблеми имаше во 2008 година, пишува Би-Би-Си. Но тогаш имаше околу 150 милиони корисници, во споредба со 2,3 милијарди, колку што ги има денес.
Социјалната мрежа, која главно се финансира од огласување, соопшти дека истражува до која мера проблемите ги погодиле огласувачите, со можност евентуално и да им се вратат парите.
Меѓутоа, ова не е единствениот проблем со кој се соочува Фејсбук – “Њујорк тајмс“ синоќа објави дека против Фејсбук њујоршките обвинители отвориле истрага за личните податоци кои социјалната мрежа наводно ги споделувала со други технолошки групи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.