Филипче: Државата не е приватна своина на Мицкоски, тој нема право да ги прекине преговорите со ЕУ

Државата не е приватна своина на Мицкоски и тој нема право да ја блокира иднината на граѓаните, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашната емисија „Само интервју“ на „Канал 5“.

Филипче рече дека условите што треба да се исполнат за членството во ЕУ се јасни, прецизни и во ниту еден момент не ги загрозуваат националните интереси и идентитетот на државата. Според него, се разобличила „лагата на ВМРО-ДПМНЕ која ја ветуваше во предизборниот период“ – дека ќе обезбедат подобри преговарачки услови.

„ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една, би рекол, величествена претстава, една голема лага со којашто ветуваше дека ќе ги подобри условите со кои што ние ќе преговараме со ЕУ, дека ќе го подобри Францускиот предлог, и сега според кажувањето на Мицкоски, излегува дека ако ова е диктат, дека нема понатаму. Ние не гледаме ниту една иницијатива да се подобрат тие услови за преговарање. Што направи премиерот освен што ги влоши билатералните односи со Грција и со Бугарија по изјавите на вицепремиерот Николоски, поради што сега бугарското Собрание усвојува Декларација во којашто кажува дека било која Влада натаму нема да има право да ги смени условите за преговарање“, рече Филипче

Лидерот на СДСМ ги нарече изјавите на Мицкоски и оправдувањата на неговите ставови во однос на Бугарија „политички некоректни“.

„Станува збор за иднината на државата, станува збор за надежта на луѓето, на граѓаните на едни нови генерации кои доаѓаат и коишто иднината на земјата ја гледаат во ЕУ. Тие немаат право да си играат со иднината на државата и со луѓето кои живеат тука и сите следни генерации, затоа што прашањето во сите анкети за тоа дали граѓаните сакаат да бидат од ЕУ е апсолутно позитивно и огромен дел од граѓаните тоа го посакуваат. Оваа Влада сама ги влоши позициите со Бугарија. Прво, автоблокада досега не направила ниту една Влада. Христијан Мицкоски кажува дека ние не можеме да почнеме преговори затоа што се плашиме од некоја друга блокада понатаму, таков став навистина не е политички коректен. Не може ние да си направиме и да си воведеме автоблокада плашејќи се Бугарија да не направи други блокади понатаму. Какво и да биде барањето понатаму, ако воопшто има и се сложувам дека може да излезат различни ситуации, ЕУ ќе биде на масата за преговори и тогаш не може да поминат ирационални барања или некакви блокади од страна на Бугарија“, рече Филипче.

Пронајдете не на следниве мрежи: