Филипче: „Медицинскиот персонал е преморен, добивме лек донација од Јапонија“

Министерот Филипче денес одржа прес-конференција на која ги кажа најновите детали за состојбата во Македонија.
Во болницата 8-ми септември хоспитализирани се 12 нови пациенти во последните 24 часа, вкупно 132, од кои 6 на респираторна машина.
Во Клиниката за инфективни болести во последните 24 часа хоспитализирани се 13 пациенти, а вкупно има 106, од кои на кислородна поддршка се 49.
Во мобилната болница до Клиниката има 11 пациенти, во Козле 1 возрасен пациент.
Во болницата во Битола 33, во Штип 20 и на останатите во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп у Гостивар 76.
13% од вкупниот број активни случаи се хоспитализирани, а 87% се на домашно лекување или асимптоматски.
И покрај големиот број хоспитализирани пациенти, уште има капацитет во болниците.
Медицинскиот персонал е навистина преморен, ние правиме реорганизација и ротација на персоналот, и ова засега добро функционира, системот може да го одржиме, но не може без помош од граѓаните и почитување на мерките.


Од анализата на случаите, според извештајот од вкупниот број на позитивни случаи од 12-ти до 20-ти јуни, најголем дел се од Скопје и Тетово. Тие два града се најголеми жаришта во државата.
Во овие 7 дена заболени се пациенти на сите возрасни групи, најзастапена е онаа над 60 години, 24,2% а секако има и помлади лица заболени.
Во однос на статистика за смртни случаи, во овој период најголем дел се на возраст над 63 години (83%), а останатите се со бројни хронични заболувања.
Денес преку итна неповратна помош, преку Амбасадата на Јапонија го добивме лекот Favipiravir, за земјите погодени од вирусот. Добивме Avigan за 100 пациенти, а станува збор за антивирусна терапија која се користи за инфлуенцата во Јапонија од 2014-та и уште не е одобрен за ковид-19, во тек се многу клинички испитувања, но од искуства веќе има добри резултати во повеќе земји и за пациенти со ковид-19. Се препишува после бројни анализи на крвта на пациентот.
Утрово на состанокот на Комисијата разговаравме за дополнително попуштање на мерките, кои даваат забрана за работа на некои економски оператори. Донесено е одлука да се предложи до Владата да се отворат казината и автомат клубовите, да профункционира јавен превоз во Тетово и кон крајот на оваа недела и отворање на теретани и фитнес центри, со веќе утврдени протоколи.
За отворањето на границите дополнително ќе се разговара денес и утре. Епидемијата е во полн ек, состојбата во регионот укажува дека во сите земји има пораст на случаи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.