На денешната седница на Националниот совет за европски интеграции, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики за состојбата со реформите и европскиот пат на земјата, нагласувајќи дека Македонија е во ќорсокак, а на владата ѝ недостасува политичка волја за фундаментални реформи.
„Овој извештај јасно вели дека нема реформи, ние губиме време. Ова е еден од најлошите извештаи што ги добила земјата. Единствено полош е оној од 2015 година, кога бевме оценети како заробена држава“, рече Филипче.
Тој нагласи дека нема напредок во клучните области и дека земјата ризикува нови услови за отворање преговори.
„Нема напредок во главните области. Ова покажува дека оваа влада нема политичка волја да спроведе реформи, жалам за она што го слушам денес, дека денес и овој период не беше време за реформи. Ако до минатата година имаше само еден услов, по таков извештај, не сум сигурен дека во иднина нема да имаме други услови“, додаде Филипче.
Филипче ги истакна забелешките на Европската комисија за судството, борбата против корупцијата, медиумските реформи, економијата и образованието, сектори во кои, според ЕК, нема напредок или е забележано назадување.
The post Филипче: Нема реформи за ЕУ, Македонија губи време appeared first on Во Центар.



