Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска присуствуваше на конгресот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) што се одржа во Загреб, посветен на подготовката на новата партиска програма и стратегија во пресрет на парламентарните избори.
Во своето обраќање Филипче порача дека социјалдемократијата била и ќе биде вистинската алтернатива на радикалната десница и последниот бедем на слободата.
Тој критикуваше дека Македонија е соочена со авторитарни тенденции, лажен патриотизам и застој во интеграцијата кон Европската Унија.
„И во мојата земја се соочуваме со сѐ поинтензивни авторитарни тенденции, растечко влијание на економската и финансиската олигархија, економски политики што директно им штетат на работниците, притисок врз синдикатите, дискредитирање организации на граѓанското општетсво и критичките, прогресивни интелектуалци. Лажниот патриотизам на нашиот премиер и Владата е само параван зад кој се крие заштита на криминални и клиентелистички мрежи со интензивен притисок на правосудниот систем. Северна Македонија застана во процесот на интеграција во Европската Унија, а Владата го напушти широкиот политички и општествен консензус за ова прашање со изговор дека е загрозен националниот идентитет“, рече Филипче.



