Анализите на Министерството за здравство покажуваат дека е намалена преносливоста на коронавирусот. Факторот на преносливост Р0 (ер нула), е намален од 1,5 на близу 1. Тоа значи дека еден човек при непосреден контакт заразувал 1,5 човек, а сега анализите покажуваат дека заразува помалку од 1, објасни вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот рече дека мерките даваат резултати, но предупреди оти вирусот е непредвидлив и во даден момент може да се влоши клиничката состојба на пациент, па да треба голем број пациенти да се хоспитализираат. Тоа значи огромен притисок врз здравствениот систем, изјави Филипче.
Министерот потенцира дека засега не е потребно воведување на полициски час, но од друга страна ја потенцираше важноста за почитување на мерките поради сериозниот притисок на здравствениот систем и брзото исполнување на болничките капацитети, како и недостаток на медицински кадар.
За разлика од пролетта и летото, во овој период од годината вирусот има силна локална трансмисија, рече вчера Филипче.
Преносливоста на вирусот е намалена, но притисокот врз болниците е сè уште голем. Според вчерашните информации, во инфективните оддели во Скопје и болниците низ земјава вкупно се хоспитализирани 1.225 пациенти. Во ковид-центрите во болниците низ земјава, пријавено е дека се лекуваат 640 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 152 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 792.
„Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“, информираат од Министерството.
Во интервју за ТВ 21 претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев истакна дека будно се следат состојбите со ковид-19, сите ресурси се посветени на ова прашање.
„Се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки. Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17 или од 18 ќе има подобри резултати и сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски и можно е таму да се дефинира некоја од мерките“, рече премиерот Заев, и додаде дека во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација.
Во однос на набавката на вакцината тогаш кога ќе биде одобрена, премиерот Заев нагласи дека земјата е вклучена во КОВАКС механизмот на СЗО за да се обезбеди рамноправна дистрибуција на соодветна количина на вакцини против ковид-19 и дека Македонија, како и Западен Балкан, ќе биде вклучен во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки.
Во Скопје во ковид-центрите, претходното деноноќие биле хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 433 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка, соопшти вчера Министерството за здравство.
Од неделата, пациенти сомнителни и потврдени за ковид-19 се примаат и во ковид центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени 14 пациенти и има уште 11 слободни кревети.
И покрај големиот број на приеми во текот на завчерашниот ден, вчера имало 20-тина слободни места.