Филипче тврди вакцинацијата ќе почне во февруари со кинески вакцини, датумот на испорака не се знае

Вакцинацијата во земјава ќе почне овој месец со 200 000 кинески вакцини, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека датумот на испорака ќе биде познат деновиве.
– Првата количина вакцини против Ковид-19, кои ќе пристигнат во земјава во февруари, ќе бидат кинеските вакцини. Целокупниот процес на имунизација, согласно веќе подготвениот систем, ќе го почнеме со тие вакцини, истакна министерот, кој рече дека прво ќе се вакцинираат сите приоритетни групи.
Министерот за здравство посочи дека сите вакцини кои се на пазарот се безбедни, но оти преговорите кои Владата ги води со „Фајзер“, и тие кои сега завршуваат со кинеската компанија се тешки и бараат многу детали, заради тоа што и самите компании се под огромен притисок.
Додека се чекаат вакцините кај нас, македонските државјани се вакцинираат во соседна Србија. Досега 73 граѓани, кои имаат и српско државјанство, се вакцинирани со кинеската вакцина на „Синофарм“ на пунктот во Врање и Бујановац. Можност за вакцинирање имаат и оние кои немаат српско државјанство.


Порталот Е-управа овозможува апликација за вакцинација на странски државјани кои немаат регистриран престој во Србија. Доволно е да имаат српски мобилен број, што досега го искористија многу државјани на Северна Македонија, за да можат да добијат смс потврда за датумот и местото на вакцинација, кој е бесплатна.
– Кога „ќе добијат српски телефонски број“, тие се регистрираат на порталот за е-Управа, каде што е можно да се вакцинираат и странци кои не живеат во Србија. Сè што треба да направите е да го внесете бројот на македонскиот или кој било друг важечки пасош. Оние кои биле вакцинирани велат дека никој во здравствените центри во Србија не ги прашал ништо или не ги проверил, а постапката траела само неколку минути, наведува БИРН.
Во исчекување на вакцинацијата, состојбата со коронавирусот продолжува да се смирува. Тоа го покажуваат и вечерашните бројки. Вчера беа регистрирани 350 нови случаи од направени 2291 тестирања. Пријавени беа вкупно 20 починати лица од кои 14 од Клиниката „Жан Митрев“, кои починале во периодот од 4 до 30 јануари оваа година и шест пациенти починати во текот на завчерашниот ден. Најмладото починато лице е 35-годишен пациент од Кавадарци.
Во претходното деноноќие, беа регистрирани и 266 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 93.510, бројката на оздравени пациенти е 82.786, на починати е 2.893, а бројот на активни случаи изнесува 7.831. Најмногу активни случаи има во Скопје – 3972. Во другите градови се под 400 активни.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.