Сакам да им изразам почит и да се поклонам на сите оние чисти души и патриоти кои што вчера беа на ПРОТЕСТОТ против промена на името на Македонија и штетните политики на предавничката гарнитура на Заев, Шеќеринска, Димитров. Знаете дека јас сум бил на браникот секогаш. Се сеќавате на протестите пред ДИК кога еден странски амбасадор сакаше да ни одземе два пратеници и да го стори топтан Заев премиер уште во декември 2016. Ако не се сеќавате има фотографии пред штабот на ВМРО како славиме… Но не било за славење. Беше загубена работата, и изгледа договорена. Само што ние, само што народот се користел за штит, параван додека да се дозавршат одредени операции. Потоа бевме 75 дена со „Заедничка Македонија“ секојдневно на протести да ја одбраниме државата од „Тиранската платформа“. И не ја одбранивме. Заев го устоличија, прво Таљат. Па потоа си почнаа точка по точка да ја остваруваат Тиранската. А ВМРО молчеше. За се молчеше. Или млитаво ќе се објавеше некое соопштение колку да помине редот. Се прашувате зошто е тоа така? Да не се договарал некој нешто? Јас не, И не му должам на никој никаква политичка отстапка. Дури кога почнаа да се гледаат видеата мои на фејс од протестите на „Заедничка Македонија“ од штабот „другарски“ ми сугерираа дека треба да се преместам во задните редови, дека не е убаво да ме гледаат во првите редови. На дваесет годишнината од студентските протести, во март лани не ми дадоа да се обратам пред масата што протестираше, исто така „другарите“ од штабот што „ги планираа“ потезите. А сакав само да кажам дека и во 1997 и во 2017 Македонија се наоѓа во истата каша. Народот експлодираше потоа. Се сеќавате. Влегоа на 27 април во Собранието. Некои ги поведе енергијата која насобираше дваипол месеци. И потоа што стана? Завршија во Идризово. Некои се сеуште таму и ден денеска. Никој не ги спомнува веќе. Мицко вчера не ги спомна со сигурност. Не побара нивно ослободување. Си одмолча и за овие политички затвореници. Па човекот мудро си молчи. Си го чека ветениот ред.
Сакам да им изразам почит и да се поклонам на сите оние чисти души и патриоти кои што вчера беа на ПРОТЕСТОТ затоа што беа дојдени за други прашања. Не за економијата и математичките формули на Мицко (кои патем се грешни). Но тој си ја тераше својата агенда. А дојдените беа изманипулирани. Тврдам! Затоа што ја поседувам пораката со која се повикувани нашите членови на протестот. Еве ја: Дојди и ТИ!
Дојди и викни силно НЕ! – против притворените уставобранители СЛОБОДА
– против погубните политики на оваа анти Македонска власт!
– против распродажбата на национални интереси!
– против тиранската платформа!
– против нелегитимната власт!
– против менувањето на името!
Ајде по ред. Слушнавте ли за уставобранителите дека Мицко повика да се ослободат? Јас не. Дури сум го слушнал дека треба да се судат. Како се спротивставивме на погубните Заеви политики? Со барање на предвремени избори за една година од сега? Нели е ова давање време да си ги заврши плановите да ја докрајчи Македонија? Ова ли е ВМРО кое секогаш по секоја цена беше на барикадите? Ова ли е ВМРО кое беше спремно радикално да се спротивстави и со тоа секогаш беше пречка за разнебитување на државата? Ова ли е? Не, не е. Воопшто не е. Разјадено е од внатре. Од клиентите. Од оние што Бога молат да се вратиме на власт за да земат фотељи. Дали вие почитувани што вчера вевте на протест имате добиено ИДНА ФУНКЦИЈА? Кажано ли ви е каде ќе бидете „главни“? Е па да знаете дека на тие што се нацртаа во прв ред им е направен распоредот по желба. И тие имаат јасна агенда зошто ве манипулираат. Слушнавте ли Мицко да го спомене Таљат? Нели беше неуставен? Нели ќе поднесувавме иницијатива за преиспитување на неговиот избор? Каде е говорот на таа тема? Јас сакам да знам која е позадината на тој договор. Имам право како Македонец и како член на ВМРО да знам, без да ме манипулираат што е договарано! Ако навистина сакаме предвремени избори одма можеме да ги имаме. Нека си дадат оставки пратениците и тоа неотповикливи, и ќе има ненадминлива парламентарна криза. Ќе мора да се оди на избори. Или ќе сме секој ден на улици. А вака? Завршивме работа за неколку месеци унапред, ја испуштивме енергијата, сега може да одиме по одмори. Функциите поделени. Само ќе си чекаме. Да ви кажам нешто за датумот 2 јуни. Зошто баш тој датум. Нашата врхушка наседна на дезинформациите кои тајно им го пласираше нивниот партнер Заев дека ќе биде прифатено името ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА од Грците и сакаа да поентираат со тоа. Но Заев уште од март знае дека митингот ќе биде во Мај и имаше доволно време да го извози „нашиов“. И го извозе. За сите пари.
И трет пат сакам да им изразам почит и да се поклонам на сите оние чисти души и патриоти кои што вчера беа на ПРОТЕСТОТ. Тоа се мои браќа и сестри Македонци и ВМРОВЦИ. Може нема да ви се допаѓа ова што го пишувам. Но мене не ми е намерата да ви се допадне текстот туку да кажам дека ја гледам манипулацијата. И со должен респект ви ја нудам на размислување. Ако не ви се допаѓа тоа е ваше право. Но јас сепак ја кажав. Како и во време на 2001 го зборам она што никој не сакаше да го чуе. Да живее ВМРО и да живее Македонија. Бесмртна Македонија.