Министерот за правда Игор Филков го повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да свикаат седници и да се преиспита одлуката за преиначување на мерката притвор во куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби кој вчера по 14 месеци бегство се врати во државата и им се предаде на истражните органи за случајот Државна лотарија.
Филков рече дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство којшто се остварил и дека јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
– Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност, рече Филков.
Ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
– Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување:
Јавниот обвинител Даниел Коцев, – да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот? Раководителот на обвинителството Анел Фидоски, дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, – кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?,изјави Филков.
Најави вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел утврдување на безбедносната состојба.
– Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип, рече Филков.


