Филков: Случајот од 350.000 евра со апелациониот судија не е само скандал, туку симбол на длабока системска слабост

На денешната прес-конференција, министерот за правда Игор Филков зборуваше за актуелната состојба во судството и пристапот на Министерството за правда кон утврдување на фактичката состојба на терен и преземање конкретни мерки.

„Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја зголемија загриженоста во врска со интегритетот, отчетноста и функционирањето на судството и обвинителството. Ваквите феномени не треба да се релативизираат или игнорираат. Кога случаите на корупција на високо ниво остануваат нерешени со години и кога очигледните сомневања не добиваат институционален одговор, тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата?“

„Случајот со апелациониот судија, за кого беше утврдено дека имал скриено и наводно заѕидано 350.000 евра, не е само скандал. Тој е симбол на длабока системска слабост, симбол на култура на неказнивост, молчење и меѓусебна заштита што ја еродираше довербата во судскиот систем многу долго време“, рече министерот за правда Игор Филков.

Овој случај, според Филков, дополнително ја поткопува довербата во целото судство и ја доведува во прашање функцијата на судијата, која треба да биде во служба и интерес на граѓаните и правдата, а не привилегија.

Во исто време, јавноста се соочува и со сериозни предизвици во функционирањето на обвинителството, недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недоволна решителност во справувањето со најтешките форми на криминал.
The post Филков: Случајот од 350.000 евра со апелациониот судија не е само скандал, туку симбол на длабока системска слабост appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: