Филмската академија за Оскарите: Вештачката интелигенција нема значително влијание врз наградата

Филмови направени со помош на вештачка интелигенција ќе можат да ги освојат најпрестижните награди – „Оскарите“, соопштија организаторите, а пренесе Би-би-си.

Академијата за филмска уметност и наука во понеделникот објави нови правила, според кои користењето на вештачка интелигенција и други дигитални алатки „ниту ќе помогне, ниту ќе наштети на шансите за добивање номинација“.

Генеративната вештачка интелигенција, која може да создава текст, слики, звук и видео како одговор на едноставни текстуални команди, помогна во продукцијата на некои од филмовите кои освоија врвни награди во март.

Сепак, Академијата нагласи дека сѐ уште ќе го зема предвид човечкото учество при изборот на победници.

Новата формулација за подобност на филмовите направени со генеративна вештачка интелигенција е препорачана од Советот за наука и технологија на Академијата.

Според дополнителните промени во правилата објавени во понеделникот, членовите на Академијата сега мора да ги изгледаат сите номинирани филмови во секоја категорија за да можат да учествуваат во финалното гласање за победниците.

Користењето на вештачка интелигенција во филмската индустрија стана актуелна тема откако Адријан Броди ја доби наградата за најдобар актер за својата улога во „Бруталистот“ (The Brutalist) на годинашната церемонија во март.

Филмот користел генеративна вештачка интелигенција за да го подобри акцентот на актерот кога зборувал унгарски.

Потоа се откри дека слична технологија за клонирање на глас била користена за унапредување на пејачките изведби во мјузиклот „Емилија Перез“ (Emilia Perez), добитник на „Оскар“.

Способноста на технологијата брзо да го измени или прилагоди тонот и стилот на еден уметник, или да направи суптилни промени во изгледот на некого, придонесе за нејзина сѐ поголема популарност во продукцијата на музика и филм.

Но, користењето вештачка интелигенција останува контроверзно, а уметници и актери изразија загриженост за материјалот со кој се тренираат овие алатки и за влијанието врз нивната егзистенција.

Актерите и сценаристите претходно ги истакнаа своите стравувања за губење работа поради вештачка интелигенција за време на штрајковите во Холивуд во 2023 година.

„Ако можеш да го земеш моето лице, моето тело и мојот глас и да ме натераш да кажам или направам нешто за што не сум имала избор тоа не е добра работа“, изјави актерката Сузан Сарандон за Би-би-си од штрајкувачка линија.

Сценаристите се загрижени дека студијата би можеле да се обидат да ги намалат трошоците и да заштедат време користејќи алатки за истражување, развој на идеи и пишување сценарија наместо ангажирање луѓе.

Како дел од договорите меѓу синдикатите и студијата со кои завршија штрајковите, беа воспоставени одредени заштитни механизми околу користењето на вештачка интелигенција.

Иако некои актери изгледа ја прифатија технологијата, други, како Скарлет Јохансон, издадоа предупредувања за нејзиниот потенцијал за злоупотреба на нивниот лик или глас.

Аниматорите изјавија за Би-би-си во 2024 година дека генеративните алатки сѐ уште не се доволно добри за да ја реплицираат квалитетата на нивната работа, особено не на ниво достојно за Оскар.

„Тоа е како да имаш лош писател кој ти помага“, рече Џонатан Кендрик, соосновач и претседател на глобалната стриминг платформа Рокит Фликс.

„Може да направи некаков преглед, но ако ти треба нешто со емоционална тежина вештачка интелигенција нема да ти донесе Оскар“.

Пронајдете не на следниве мрежи: