Утре ќе биде објавена „Филмско око“, четврта книга посветена на филмската есеистика од Игор Анѓелков. Оваа книга е шеснаесетто издание во колекцијата „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа. Пред десет години беше објавена првата книга од оваа серија, „Филм.мкд“, која ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Три години потоа, авторот го издаде „Филмски град“, а во 2022 следеше и „Филмотопија“. Во сите овие дела, Анѓелков внимателно ги набљудува настаните во филмската уметност, како кај нас така и во светот, и преку своите критички текстови го прикажува актуелниот момент во седмата уметност во првите дваесет и пет години од новиот милениум. Книгата е тематски поделена на неколку сегменти, каде што авторот специјално внимание обрнува на сите интересни филмови од појавувањето на „Филмотопија“. Започнува со анализа на македонската филмска продукција во најновиот период, продолжува со европското и американското кино во последните неколку години, а потоа следи дел за филмски фестивали. Кон крајот се вклучени два специјализирани сегменти со текстови за музиката и филмот, како и за филмските јубилеи. Посебно место во книгата зазема делот посветен на австрискиот режисер Улрих Зајдл, кој беше минатогодишен добитник на наградата „КинеНова“ и кој во својата наградна реч одржа „манифест“ за состојбата во филмската уметност, кој со сигурност ќе остане релевантен и цитиран подолго време. Во целина, со „Филмско око“, Анѓелков повторно ни нуди јасен увид во состојбите во филмот, внимавајќи на кревката природа на публицистиката во оваа област, која се развива бавно и тешко.
The post Филмско око: Нова книга со филмска есеистика од Игор Анѓелков appeared first on 365.mk.