Финска ги суспендира летовите од Скопје до 29 август

Финска ги суспендира летовите од Македонија до 29 август поради зголемениот број заразени патници со Ковид-19 кои доаѓаат од земјата во последниот период.
Финскиот министер за транспорт и врски Тимо Харака, изјави дека одлуката е донесена од Агенција за транспорт и врски Трафиком, а врз основа на анализата на Националниот институт за здравство.
Суспензијата на летовите следува два дена откако уште 17 патници кои пристигнале со летот на Визер од Скопје во Турку во вторникот биле позитивни на Ковид-19. Тестирани биле 113 од вкупно 127 патници во авионот, и сите се ставени во карантин.
Вкупно досега на последните четири лета од Скопје до Турку се регистрирани 60 случаи на корона вирус.


На првиот лет на 8 август по доброволното тестирање на сите кои пристигнаа од Скопје позитивни беа 26 лица, на вториот на 11 август пет, а на 18 август уште 12.
Најголем дел од патниците во четирите лета биле со патни исправи на Косово и на Финска. Иако, македонски државјани не се меѓу заразените патници, финските власти ја класифицираа Македонија како земја со висок ризик, поради големиот број случаи на Ковид-19.
Освен привремената суспензија на авиолинијата Скопје-Турку која се реалзира двапати неделно, во вторник и во сабота, Финска воведе ограничувања и за летовите од Исланд, Грција, Малта, Германија, Норвешка и Данска.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.