Фудбалерите на италијанска Фиорентина обезбедија финале во Конференциската лига играјќи во реванш полуфиналниот натпревар во Белгија со 1:1 со Клуб Бриж. На првиот меч во Фиренца, Виолите победија со 3:2.
Белгијците долго време водеа со голот на Ханс Ванакен во 20 минута, а Аргентинецот Лукас Белтран израмни од пенал во 85. минута.
Италијанскиот тим на тој начин повторно ќе игра во финалето на Конференциската лига откако лани загуби од Вест Хем (1:2).
Фиорентина е клуб кој играл досега во финалето на сите четири европски натпреварувања, Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите), Купот на УЕФА (сега Лига Европа), поранешниот Куп на победниците на куповите и сега Конференциската лига. „Виолите“ го освоија Купот на победниците на куповите во 1961 година.
Во второто полуфинале во четврток, Олимпијакос во Пиреја ја пречекува Астон Вила.