Фон дер Лајен: Очекуваме Кина да го искористи своето влијание врз Русија за прекин на војната

Очекуваме Кина да го искористи сето свое влијание врз Русија за да ја прекине војната против Украина.

Ова е пораката што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја испрати по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон и кинескиот претседател Си Ѓинпинг, кој во моментов е на турнеја низ земји во Европа. По трилатералниот состанок Лајен рече дека средбата го одразува значењето што тие го придаваат на односите меѓу Европската Унија и Кина.

Главен фокус во разговорите на европските претставници со кинескиот претседател биле геополитичката ситуација, конкретно војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток.

„Се согласуваме дека Европа и Кина имаат заеднички интерес за мир и безбедност. Очекуваме дека Кина ќе го искористи сето свое влијание врз Русија за да стави крај на руската агресивна војна против Украина“, истакна Фон дер Лајен.

Шефицата на Европската комисија додаде оти Ѓинпинг одиграл важна улога во деескалирањето на нуклеарните закани на Русија и дека е уверена оти ќе продолжи да го прави тоа. На средбата се разговарало и за обврската на Кина да не испорачува оружје на Русија кое завршува на бојното поле.

Кинескиот претседател пристигна во Париз на 5 мај на почетокот на неговата мини европска турнеја.

По државната посета на Франција, која веќе една година бара од него да го искористи своето влијание и да ја „вразуми“ Русија, кинескиот претседател отпатува за Србија и Унгарија.

Пронајдете не на следниве мрежи: