Фон дер Лајен разговараше со кинескиот премиер – Најавен е заеднички одговор на царините на Трамп

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен разговараше со кинескиот премиер Ли Кианг, а главна тема биле царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за речиси сите земји во светот.

Како што е соопштено од прес-службата на Европската комисија, Фон дер Лајен ја нагласила одговорноста на ЕУ и Кина „како два најголеми пазари во светот“ да ја поддржат „слободната и фер глобална трговија заснована на рамноправни услови за игра“.

„Фон дер Лајен ја истакна потребата да се реши актуелната ситуација преку преговори и да се избегне понатамошна ескалација“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Дополнително, претседателот на ЕК ја истакна клучната улога на Кина во решавањето на потенцијалните трговски проблеми предизвикани од царините, особено во секторите веќе погодени од глобалниот прекумерен капацитет.

„Фон дер Лајен, исто така, потсети на итноста за изнаоѓање структурни решенија за балансирање на билатералните трговски односи и обезбедување подобар пристап за европските компании, производи и услуги на кинескиот пазар“, се вели во соопштението.

Тие, меѓу другото, разговарале и за ситуацијата во Украина и за организацијата на самитот ЕУ-Кина во јули, по повод 50 години од дипломатските односи меѓу Брисел и Пекинг.

Пронајдете не на следниве мрежи: