Формирањето академија на науките на Албанците е чувствително прашање, но „Вреди“ нема да се приспособува заради комфор на Владата, вели Муртези

Имаме разбирање за ставот на нашите партнери, бидејќи прашањето за формирање албанска академија на науките е чувствително. Но, наша цел како „Вреди“ не е да им наштетиме политички на нашите коалициски партнери, туку да го спроведуваме тоа што сме го ветиле кај гласачите. Ова денеска на прес-конференција го изјави Башким Муртези од коалицијата „Вреди“, посочувајќи дека нивните програмските заложби нема да ги приспособуваат заради личен комфор на Владата.

„Договорот за формирање на влада е јасен, за одредени прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност, како правичната застапеност во институциите за Албанците или прашањето за албанска академија за Македонците да се покренуваат иницијативи и да се обидеме да наоѓаме заеднички прифатливи решенија. Така функционира секоја демократска влада составена од партии со различни идеолошки определби“, рече тој.

Според него, формирањето албанска академија на науките е рефлексија на одредени негативни состојби во државата, поради што, како што додаде, во некои институции сè уште нема место за Албанците.

На новинарско прашање дали можеби ваквата иницијатива на „Вреди“ ги загрозува односите со коалициските партнери, Муртези вели дека нема никакви загрозување на односите во Владата.

„Секоја иницијатива која води во правец на подобрување на условите во државата, вклучувајќи го тука и академското делување на Албанците во Македонија, не претставува ризик за некое општество. Ние не отфрламе никаква иницијатива. Оваа иницијатива за формирање на академија на науките на Албанците во Македонија, рековме и во самото излагање дека ова е иницијатива, а решението ќе се најде заеднички со сите“, вели Муртези.

Нивната цел, според него, не е формирање паралелни институции, а за пример го посочи формирањето на Државниот тетовски универзитет.

„Ако гледаме во последните години наназад, секоја иницијатива можеби на прв поглед изгледаше дека е паралелна. Така беше и со формирањето на Тетовскиот универзитет, каде што имаше отпор во јавноста. Но, денес сме свесни и сведоци сме дека во тој универзитет студираат и Македонци, има и македонски професори. Така што нема поделба и нема паралелизам“, рече тој.

Лидерите на коалицијата „Вреди“, која е дел од власта, изминатиот викенд од Тетово најавија дека ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“. Општинското финансирање, како што порачаа од „Вреди“, треба да биде привремено решение, а ќе бараат академијата да се финансира од државниот буџет.

Оттаму сметаат дека основањето академија на науки и уметности на Албанците претставува важен чекор кон унапредувањето на науката, уметноста и културата на Албанците во Северна Македонија. Дополнително, повикуваат на поддршка и конструктивен дијалог за реализација на иницијативата.

Реакции стигнаа од партиите од власта, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, од каде што порачаа дека МАНУ е единствената институција во државата и дека не смее да се прави паралелизам.

Идејата на „Вреди“ не наиде на поддршка ниту од опозициската СДСМ, а според ДУИ намерата за формирање „Албанска академија на науките и уметностите“ е идеја која ги понижува Албанците бидејќи „Вреди“ требало да го преземе управувањето со МАНУ, а не, како што велат, да дојдат до „големата општинска идеја“.

„360 степени“ објави дека од регистрациските податоци за правниот субјект поднесени во Централниот регистар може да се види дека станува збор за здружение на граѓани кое е основано на 15.2.2022 година. Вистинското име му е поинакво од она што беше претставено на средбата со „Вреди“ и гласи „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“, а не „Албанска академија на науките и уметностите“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.