(ФОТО) Гори сува трева и папрат на Шар Планина, гаснењето одложено за утре

Од ЦУК велат дека пожарот е далеку од селото Вешала

Пожар, во кој гори сува трева и папрат над селото Вешала во Општина Тетово бил пријавен попладнево околу 15 часот, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Кон пожарот била испратена екипа од три ренџери, но поради непристапниот терен тие биле повлечени.

Од ЦУК велат дека пожарот е далеку од селото Вешала.

Околу местото каде е пожарот, од ЦУК велат дека нема телефонски сигнал, но состојбата се следи со континуираната комуникацијата со надлежните од Националниот парк. Истовремено, биле известени и надлежните подружници на Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.

Поради лошиот и непристапен терен и настапување на ноќта вработените од Националниот парк „Шар Планина“ се повлечени од терен.

„Утре, во раните утрински часови, од Националниот парк информираа дека ќе испратат екипа за гаснење на пожарот“,

велат од ЦУК.

Вработени од Националниот парк „Шар Планина“ попладнево интервенирале и во гаснење на пожар кај селото Лисец во Општина Тетово.

Пожарот бил покрај влезот на селото каде горела ниска вегетација и ниви од приватен имот.

Во гаснењето на пожарот интервенирале мештани од селото и тим од двајца вработени од Националниот парк.

Од Центарот за управување со кризи била побарана помош од Територијалната противпожарна единица од Тетово кои интервенирале со еден противпожарен џип и тим од три пожарникари.

„Од Националниот парк ‘Шар Планина’, по 17.15 часот, известија дека пожарот што беше во атарот на село Лисец е локализиран од страна на вработените (ренџери) на Националниот парк и мештаните од селото“,

велат од ЦУК.

Пронајдете не на следниве мрежи: