(ФОТО) Хрватската опозиција на протест во Загреб побара оставка од премиерот Пленковиќ

Повод за протестот беше изборот на на Иван Турудиќ за главен државен јавен обвинител, кој дојде на предлог на премиерот Андреј Пленковиќ, иако имаше наводи дека токму тој имал состаноци со поранешниот директор на фудбалскиот клуб Динамо Загреб додека тој беше под истрага за корупција

На протестот кој беше организиран од 11 левичарско-либерални политички партии се собраа неколку илјади луѓе. Сите улици до главниот плоштад во Загреб беа преполни од поддржувачи и активисти на левицата, а лидерот на опозицијата и претседател на Социјалдемократската партија, Пеџа Грбин, на присутните им порача дека денешниот ден е почеток на една прекрасна приказна и оти нивниот бес е насочен кон владата, која на важни функции поставува луѓе кои имаат поврзаност со криминални структури.

„Она што е сосема јасно е дека Хрватска е зрела за промени, а ние имаме огромна одговорност да направиме нешто околу тоа. Дали ќе биде заеднички настап, не можам да одговорам во моментов, но можам да кажам дека ќе има одредени разговори“, 

рече Грбин.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Повод за протестите е назначувањето на Иван Турудиќ на местото главен државен јавен обвинител, иако тој во минатото се состанувал со поранешниот директор на фудбалскиот клуб Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, во време кога тој бил под истрага за корупција, но и со поранешниот градоначалник на Книн, Јосип Римац, против кого исто така се води постапка поради постоење сомнеж дека бил вмешан во корупција.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Градоначалникот на Сплит, Ивица Пуљак, кажа дека корупцијата е најголема болест во Хрватска и дека за тоа е виновна владејачката ХДЗ. Кандидатката за премиер од партијата Можеме, Сандра Бенчиќ, кажа дека владејачката гарнитура се состои од „предавници“, „квислинзи“ и „крадци“ и дека е време тие конечно да заминат од своите позиции во владата.

„Немојте да одите во Германија и Ирска, туку излезете на избирачките места. Вие не сте оние што треба да си одат, туку треба да си одат ХДЗ и Пленковиќ“,

рече Бенчиќ.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Премиерот Андреј Пленковиќ во изјава за медиумите кажа дека не го следел протестот на опозицијата оти бил на конференција во Минхен, но кажа дека секој во Хрватска има право да протестира во рамките на законот бидејќи Хрватска е демократска земја.

„Значи, начинот на кој можам да го доживеам е собир на радикалната левица, која е осум години во опозиција, и на оние кои ги поддржуваат. Пораките беа вулгарни, примитивни, во стилот на Милановиќ, кој ја спушти културата на политички дијалог, а сега секој мисли дека може да навредува како што сака“,

кажа Пленковиќ.

Главното барање на опозицијата е распуштање на парламентот и одење на брзи избори. Тие веќе ги предадоа потписите во Саборот, а дебата се очекува идната недела. Дали протестот е најава за заеднички настап во голема коалиција на левичарско-либералните партии, засега нема јасни одговори од лидерите.

Пронајдете не на следниве мрежи: