СКОПЈЕ, 13.10.2022: По успешната турнеја во Италија и спектакуларниот концерт на „Охридско Лето”, камерниот оркестар „Профундис“ со нов, уникатен проект ќе се претстави пред македонската публика.
Концертот насловен „Фузија“ ќе спои два врвни камерни оркестри од Македонија и Србија заедно со светски познатата виолинистка Ирина Мурезану (САД/Романија) која за првпат ќе настапи во Македонија.
Романската виолинистка Ирина Мурезану ги освојува срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. Бостон Глоуб ја пофали како „не само виртуоз, туку и уметник“, а Лос Анџелес Тајмс напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават изведбата на Ирина Мурезану особено восхитувачка“. Свири на виолина од 450.000 евра и е лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал Интернационал, Вашингтон Интернационал, Про Музицис Интернационал и наградата Кралица Елизабета 2.
На настапот во Скопје му претходи претставувањето на концертот „Фузија” пред српската публика, три дена претходно, во една од најпрестижните сали на Балканот, легендарната сала „Коларац” во Белград.
Организаторите најавуваат исклучително уникатна програма. Премиерно пред македонската публика ќе се изведат комплексните и виртуозни дела од Б. Бритн – „Варијации на тема од Френк Бриџ” и „Романска рапсодија” бр.1 од Ж. Енеску како и популарните „Четири годишни времиња” од А. Вивалди и А. Пјацола.
– „Можноста за уметникување и споделување на сцената со врвни уметници од САД и Србија, кои премиерно гостуваат и настапуваат во нашата земја, ни причинува огромно задоволство и предизвик. Верувам дека концертот ќе биде уникатен и оригинален настан кој со сигурност ќе ги задоволи вашите уметнички критериуми.“ – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на камерниот оркестар „Профундис“.
Инаку, настанот ќе се одржи на 2 ноември (среда) во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија. Влезниците, по цена од 500 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс и на билетарата на Македонската филхармонија.
# # #
ИНФОРМАЦИЈА ЗА УРЕДНИЦИТЕ
Доколку сте заинтересирани за гостување во вашата програма поврзано со овој настан, ве молиме да се јавите на 02 5123 156 или на 071 453 252.
ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ (МК): Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „13 ГУДАЧИ“ (СРБ): Името на ансамблот „13 Гудачи“ е инспирирано од златното доба на камерната музика во Србија, кога гудачкиот оркестар „Душан Сковран“ под раководство на професорот Александар Павловиќ броел 13 музичари. Уметнички директор на камерниот оркестар е познатиот виолончелист, диригент и професор на Факултетот за музичка уметност во Белград Срѓан Сретеновиќ, а членови на ансамблот се професори, студенти на Факултетот за музичка уметност, СО РТС. и други. Досега имаат реализирано бројни иновативни концерти со врвни светски уметници како Денис Шаповалов, Зоран Тодоровиќ, Сања Анастасија и многу други.
ЗА ИРИНА МУРЕЗАНУ (САД/РО): Романската виолинистка Ирина Мурезану ги освои срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. Бостон Глоуб ја пофали како „не само виртуоз, туку и уметник“, а Лос Анџелес Тајмс напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават изведбата на Ирина Мурезану особено восхитувачка“, додека магазинот Страд ја нарече изведбата во Карнеги/Веил салата како „рецитал од прва класа“. Настапите на Ирина Мурезану често се цитирани како едни од најдобрите изведби на класична музика од страна на Бостон Глоуб, а нејзиниот рецитал во серијалот „Артисти во подем“ беше прогласен за еден од Топ 10 музички настани од страна на магазинот ТАБ. Свири на виолина од 450.000 евра и е лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал Интернационал, Вашингтон Интернационал, Про Музицис Интернационал и наградата Кралица Елизабета 2.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.