Непознати хакери украле милиони податоци на германски политичари, новинари и познати личности, објави германскиот весник „Билд“, истакнувајќи дека ова можеби е најголемиот хакерски напад во историјата на Германија.
Неколку илјади податоци се делумно лични информации објавени преку Интернет, а засега не е познато кој ги украл. Единствено познато е дека нападот е прекинат кон крајот на октомври, но не се знае кога почнал.
Со хакерскиот напад се опфатени политичари од речиси сите политички партии, освен десничарската АфД, чии податоци засега не се објавени.
Меѓу жртвите на нападот се и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер, канцеларката Ангела Меркел, но и познати уметници и новинари, пред се од јавните сервиси АРД и ЗДФ.
Само во АРД со хакерскиот напад се погодени најмалку 33 новинари.
Меѓу објавените податоци се броеви на мобилни телефони, адреси, изводи од електронски комуникации, сметки, информации за кредитни картички, а во некои случаи и лични пораки со членови на семејствата.
Во врска со канцеларката Меркел, како што пишува „Билд“, објавен е еден број од факс, една имеил адреса и повеќе писма кои ги добивала и испраќала.
Портпаролката на германската Влада денеска соопшти дека меѓу податоците кои се хакирани нема чувствителни информации од Кабинетот на канцеларката Меркел.
– Кога станува збор за Кабинетот на канцеларката, врз основа на првичните проверки, најверојатно не е објавена ниту една чувствителна информација или податок, рече портпаролката на редовната владина прес-конференција.
Сопственикот на Твитер налогот на кој се објавени доверливите податоци се претпоставува дека се наоѓа во Хамбург.
Тој преку својот налог најави дека ќе има многу интересни податоци кои допрва ќе се објавуваат.
Во меѓувреме неговиот налог е затворен од страна на Твитер.
Сојузната служба за заштита на уставноста (БфВ) од синоќа покрена истрага за овој случај и разменува информации за тоа со странски разузнавачки служби со цел да се дојде до потеклото на хакерскиот напад.
Германските медиуми јавуваат дека зад нападот може да стојат Русија или Кина, „бидејќи Москва со години наводно спроведува масовни хакерски напади на Германија, а не може да се исклучи ниту соработката со германските десничарски екстремистички групации“.
Министерката за правда Катарина Барлеј изјави дека станува збор за „тежок напад“.
– Сторителите сакаат да ја нарушат довербата во нашата демократија и институциите, рече Барлеј.
Таа побара колку е можно побрзо да се истражи овој случај, да се утврди кои се хакерите, но и дали постојат политички мотиви.