Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај денеска се сретнал со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети при што во оваа прилика посочил дека Албанците треба да бидат одлучувачки фактор врз основа на кои се развиваат односите меѓу Косово и Македонија.
Харадинај истакнал дека Косово секогаш ќе стои покрај албанскиот народ во неговата борба за заштита и подобрување на правата во Македонија, вклучително и употребата на албанскиот јазик.
„Али Ахмети е една од најпочитуваните албански личности. Неговиот придонес во сите процеси низ кои поминаа Албанците на Балканот, барем во последните 30 години, беше исклучителен. Имав задоволство денес да имам братска дискусија со него за предизвиците низ кои поминуваат нашите земји. Соработката на Косово со Македонија треба да биде приоритет во нашите односи, а Албанците во С.Македонија се одлучувачки фактори врз основа на кои се развиваат овие односи“, напишал Харадинај на Фејсбук.
Ахмети е во посета на Косово. Ова доаѓа само откако пред два дена, функционерот на ДУИ, Артан Груби замина во Косово, а еден ден откако МВР и Обвинителството му поднесоа кривична за проневера во Државната лотарија. Груби во неделата преку објава на социјалните мрежи порача дека не избегал, туку заминал во приватна посета и дека ќе се врати по завршување на истата.