Хегсет вели дека САД ќе бидат подготвени да го нападнат Иран доколку пропаднат нуклеарните преговори

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во неделата изјави дека САД ќе бидат подготвени да го нападнат Иран доколку пропаднат нуклеарните преговори, ден откако првите индиректни разговори меѓу Вашингтон и Техеран беа опишани како „конструктивни“ од двете страни.

„Ако не можеме да го решиме ова на преговарачка маса, постојат други опции за да се осигураме дека Иран никогаш нема да добие нуклеарна бомба“, изјави Пит Хегсет за Fox News во неделата.

„Со она што го правиме против Хутите и во регионот, ја покажавме нашата способност да одиме далеку, длабоко и многу силно (…). Не сакаме да дојдеме до таа точка, но доколку е потребно, ќе го сториме тоа за да го спречиме Иран да развие нуклеарна бомба“, рече американскиот министер за одбрана.

Двете земји, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, разговараа во саботата со посредство на Оман.

Хегсет ги опиша разговорите како „многу конструктивни“, што беше и оценката на Техеран. Преговорите продолжуваат на 19 април.

Индиректните разговори меѓу Иран и САД во саботата траеја нешто повеќе од два часа. Разговорите во Мускат, главниот град на Оман, се одржаа во посебни простории со официјални лица од Оман кои им пренесоа пораки на иранската и американската делегација.

Иранската државна телевизија објави дека специјалниот пратеник на Трамп Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи „разговарале накратко“ во присуство на министерот за надворешни работи на Оман на крајот на разговорите.

Западните земји предводени од САД со децении се сомневаат дека Техеран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Иран, чија економија се бори под децениските санкции и блокди , ги отфрла обвинувањата и вели дека неговите нуклеарни активности се ограничени на цивилни цели.

Вашингтон се повлече од меѓународниот нуклеарен договор со Иран во 2018 година, барајќи во договорот постигнат во 2015 година во Виена меѓу Техеран и шесте светски сили да биде вклулчена и иранската програма за балистички проектили, што се смета за закана за неговиот сојузник Израел.

Но, во вториот мандат, Доналд Трамп одлучи да започне преговори со Техеран за нов нуклеарен договор. Во исто време, американскиот претседател се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку не успеат дипломатските напори и воведе дополнителни санкции против иранскиот нафтен сектор.

Пронајдете не на следниве мрежи: