Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет сподели чувствителни информации за нападот врз Хутите поддржани од Иран во Јемен во март во групниот разговор на „Сигнал“ во кој биле вклучени неговата сопруга, неговиот брат и личниот адвокат, изјави за Ројтерс извор запознаен со ова прашање.
Откривањето на уште еден разговор дополнително ги зголемува сомнежите за употребата на некласифицирани комуникациски канали од страна на Хегсет за споделување строго доверливи безбедносни информации – во време кога тој се соочува со внатрешна криза во Пентагон, откако минатата недела беа сменети високи функционери поради протекување информации.
Во друг разговор, според истиот извор, Хегсет дал детали за нападот кои се слични на оние објавени минатиот месец во магазинот „The Atlantic“. Списанието ги добило информациите откако неговиот главен уредник Џефри Голдберг по грешка бил додаден на приватен разговор, што доведе до непријатна ситуација во која биле вклучени највисоките безбедносни
функционери на претседателот Доналд Трамп.
Лице запознаено со ова прашање, кое сакаше да остане анонимно, рече дека вториот разговор вклучувал околу 12 луѓе и бил отворен за време на процесот на потврдување на номинацијата на Хегсет, првенствено за да се разговара за административни прашања, а не за оперативни воени планови. Меѓутоа, во таа група наводно биле споделени податоци за времето на воздушните напади.
Сопругата на Хегсет, Џенифер, поранешен продуцент на Фокс њуз, исто така присуствувала на чувствителни состаноци со странски воени претставници, според фотографиите објавени од Пентагон. Во март, на пример, таа седна веднаш зад него за време на состанокот со британскиот министер за одбрана во Пентагон. Братот на Хегсет е официјален претставник на
Одделот за домашна безбедност во Пентагон. Администрацијата на Доналд Трамп е позната по агресивното следење на протекување информации, нешто што Хегсет силно го поддржува откако стана министер за одбрана.
Откако беше објавено дека споделил доверливи информации во разговор со неговата сопруга и брат, Хегсет остро ги критикуваше „оние кои објавуваат доверливи информации“ и ги нападна медиумите.
„Тие шират лаги одново и одново, и никој не бара одговорност за тоа. Тоа го прават медиумите – тие се потпираат на анонимни извори и незадоволни поранешни вработени за да ги уништат луѓето и нивниот углед“, рече Хегсет. „Тоа нема да помине кај мене. Го менуваме Министерството за одбрана, го враќаме Пентагон на оние кои се борат. Анонимната клевета од поранешните вработени повеќе не вреди ништо“, додаде тој.
На прашањето дали разговарал со претседателот Доналд Трамп, Хегсет навести дека ја има неговата поддршка.
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, потврди дека претседателот Доналд Трамп „целосно му верува“ на секретарот за одбрана Пит Хегсет, и покрај скандалот „Сигнал“ групата во кој беа вклучени членови на неговото семејство. „Зборував со претседателот утрово и тој цврсто стои зад секретарот Хегсет“, им рече Левит на новинарите.
Појавувајќи се на Фокс њуз, Левит рече дека Хегсет „врши феноменална работа“ на чело на Пентагон и додаде дека се соочува со отпор во самата институција.
Таа, исто така, нагласи дека нема размена на доверливи информации во групите Сигнал и обвини поединци од Пентагон за објавување доверливи информации.