Поранешниот наставник во градинка Ешли Пол Грифит денеска призна дека извршил 307 сексуални престапи врз десетици деца во периодот меѓу 2007 и 2022 година кога работел во детски институции во Бризбејн, објавија австралиските медиуми.
Грифит (46), жител на Голд Коуст, се изјаснил за виновен по сите обвиненија на сослушувањето одржано утрово во Окружниот суд во Квинсленд, пренесува лондонски Гардијан.
Во преполната судница, читањето на сите 307 обвиненија утрово траеше два часа, дел од присутните беа принудени да стојат поради недостаток на простор во судницата, а неколку набљудувачи плачеа на рочиштето со кое раководеше судијата Ентони Рафтер.
Грифит смирено се изјасни за виновен по сите обвиненија, повремено кимнувајќи со главата и формално беше осуден за сексуални престапи извршени во градинките каде што работеше помеѓу јануари 2007 и август 2022 година.
Обвиненијата опфаќаат 190 случаи на незаконско и непристојно постапување со дете помладо од 12 години додека работел во детска установа, 28 случаи на силување, 67 случаи на изработка на материјал за детска експлоатација, четири случаи на производство на материјал за детска експлоатација и еден случај на дистрибуција материјал за експлоатација на деца.