Министерството за здравство информира дека денес до 10:00 часот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се хоспитализирани уште две бебиња суспектни на морбили. Едното е од селото Крушопек-Сарај и има 1 година, а другото е 9- месечно од населбата Шуто Оризари. Двете се невакцинирани и во моментов има 22 заболени од морбили, од кои 20 се деца и двајца се возрасни.
– Во вакциналните пунктови во Скопје до 13 часот вакцинирани се 10 деца или вкупно до денеска 1,904 лица ја примиле МРП вакцината. Уште еднаш повикуваме на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили. Има доволно количини од МРП вакцините. Апелираме до родителите, уште утре да ги вакцинираат своите невакцинирани деца во вакциналните пунктови, пред почнувањето на второто полугодие. Апелот важи за сите основни училишта во државата. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење, велат од Министерството.