Домашните сместувачки капацитети вчера ги отворија вратите за туристите кои плаќаат со ваучери за туризам што им ги додели државата. На платформата domasiedoma.gov.mk за ваучерски туризам се пријавени 443 сместувачки капацитети низ државата, меѓу кои и елитни хотели, потоа приватни соби, вили, апартмани, кампови, одморалишта…
До 15 декември годинава во нив ќе можат да отседнат 117.122 граѓани со ниски примања кои добија ваучер за туризам од 6.000 денари, а заедно со него и домашна платежна картичка со 3.000 денари.
Првичната оценка на сместувачките капацитети е дека луѓето се заинтересирани за искористување на поддршката, но засега се уште се плашат од ситуацијата со ковид-19. Агенцијата за туризам, пак, очекува годинава од домашните гости да бидат остварени повеќе од два милиона ноќевања, бројка во која значителен удел ќе имаат токму ваучерите.
-Има заинтересираност за нашите капацитети, но луѓето се уште се плашат да доаѓаат поради ситуацијата со ковид-19. Сепак, се јавуваат, прашуваат. За претстојниот викенд направивме 17 резервации за Бањиште, иако сè уште не знаеме колку точно од нив се со вредносниот ваучер. Во секој случај, очекуваме гости, особено во периодот што следува. Сметаме дека бројот значително ќе порасне и граѓаните ќе го искористат правото за летување со поддршката која ја добија, велат од „Дебарски бањи – Косоврасти“.
Како што се наведува во нивната понуда, со ваучер за туризам може да се платат четири ноќевања со појадок, ручек и вечера, лекарски преглед, како и користење термален СПА центар, плус терапии (со лекарско одобрение).
Граѓаните изразуваат задоволство од поддршката, иако некои од нив сè уште не се сигурни кога ќе го искористат ваучерот. Други веќе размислуваат да резервираат сместување, до крајот на јули или август.
-Добив ваучер. Мерката е повеќе од добредојдена, но штета што е ваква ситуацијата со коронавирусот, па малку ни е страв, зашто сепак ќе треба да се „мешаме“ со луѓе. Во секој случај, ќе ја искористиме поддршката иако уште се двоумиме каде, дали за во некое планинско место кое засега ни се чини подобро, вели граѓанин од Скопје.
Ваучерот гласи на име и него може да го користи само лицето што го поседува. Ако не го искористи во целина или делумно до 15 декември, ваучерот, односно преостанатиот износ ќе пропадне. Ако, пак, престојот во домашниот сместувачки капацитет е поскап од 6.000 денари, корисникот на ваучерот може да доплати со свои пари.
Откако ќе бидат искористени ваучерите, Министерството за економија ќе им ги исплати средствата на туристичките капацитети за дадените услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за реализираните ваучери.