Репрезентацијата на Хрватска со историски успех се пласираше во финалето на Светското фудбалско првенство кое се одржува во Русија, по синоќешната победа над Англија со 2:1.
Фудбалерите на Хрватска повторно играа во резервната гарнитура дресови, за кои тврдат дека на големите натпреварувања им носи среќа.
На „Коцкестите“ вчерашниот, им беше четвртиот натпревар по ред на Мундијалот на кој тие на теренот истрчаа со црни дресови.
Хрватските медиуми имаат објаснување за ова и потсетуваат дека нивната репрезентација, носејќи ги резервните дресови, ги остварила најголемите фудбалски успеси. Потсетуваат на Светското првенство во 1998 година кога ја победиле Романија, Германија и Холандија, како и Англија на „Вембли“ во 2007 година.
Оваа генерација на хрватски фудбалери, во Русија одигра само еден натпревар во „коцкести“ дресови, против Нигерија.
Иако Хрватска формално на вчерашниот натпревар се водеше како домаќин против Англија, изборот повторно паднал на црните дресови, додека фудбалерите на Англија натпреварот го одиграа во бели.
Што ќе изберат Хрватите за големото финале во недела против Франција, останува да видиме.