Во Кривичниот суд денеска продолжи доказната постапка на предметот на СЈО „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски по изборите во 2011 година. На денешното судско рочиште беа презентирани докази од надзорна расправа во Собранието на која се расправа за случајот „Космос“ како и сведочења на професори од градежниот факултет. За време на денешната пауза од судењето, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба сега обвинет во случајот „ТНТ“, Тони Трајковски рече дека со оваа судска постапка обвинетите ќе можат да покажат, како што рече тој, по 36 пат да докажат дека општина Гази Баба и тој како тогашен градоначалник законски постапувале. „До сега имаме 35 пресуди од Управниот од Вишиот управен од Врховниот, од Апелациониот и од Уставниот суд. Сите донесоа пресуди во полза на општината. Едно е тоа што го зборува инвеститорот Цаноски, а друго е да се прави анализа врз основа на тоа што го покажуваат документите. Иако во оваа фаза од постапката тие документи како докази ги предлага СЈО, тие речи си сто отсто покажуваат дека сме работеле законски. Во врска со тоа дека инвеститорот имал пресуда во судот во Стразбур сакам да кажам дека таква пресуда нема. Замолете го да ви ја покаже. Инвеститорот често знае оваа постапка политички да ја коментира. Дури и неговиот вештак, иако вештачењето го вршел политички, сепак ги потврдува нашите констатации. Инвеститорот се жалеше дека му било попречено некакво уставно право. Но и за тоа имаме пресуда на Уставниот суд со која му го отфрла неговото барање односно утврдил дека нему било попречено никакво уставно право“, изјави Трајковски.
Цаноски пак изјави дека снимките од собраниската расправа покажани на денешното судско рочиште и прислушуваните разговори недвосмислено покажуваат дека уривањето на објектот Космос го организирале тогашниот премиер Никола Груевски и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. На новинарско прашање дали се чувствува предаден од поранешните коалициски партнери, Цаноски кажа дека Груевски сакал да го уништи целото негово семејство.
„Не да сум предаден туку тие сакаа да ме уништат комплетно. Во разговорите што ги слушавте во така наречените бомби наредбите што ги давал Груевски личат како уште што не дал наредба да го ликвидираат целото мое семејство. Значи тој човек е ненормален. Се гледа дека има психички проблеми и жално е што таков човек ја водел државата“, рече Цаноски. Во „ТНТ“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски и тројца инспектори од Гази Баба кои „утврдиле“ наводни отстапувања од градбата. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот на Фијат Цаноски.