Цариниците во Загреб заплениле две кобри пристигнати од Америка

Цариниците на аеродромот во Загреб спречија обид за нелегален увоз на две кобри кои пристигнале во Хрватска од Соединетите Американски Држави. Како што пренесува порталот Индекс, хрватските цариници при проверка на пратката откриле две монокл кобри (Naja kaouthia), кои пристигнале во Загреб на 30 декември минатата година.

Утврдено е дека за змиите не била приложена дозвола за увоз во согласност со Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови дива фауна и флора (CITES). CITES е клучен документ за заштита на загрозените видови диви животни и растенија, а неговото прекршување се смета за сериозен прекршок.

Казната за правното лице од Словенија за кое била наменета пратката изнесува 1.800 евра. Исто така, како што наведе порталот, на одговорното физичко лице му е изречена дополнителна глоба во износ од 720 евра.

Запленетите монокл кобри се сместени во Центарот за рехабилитација на дивиот свет во Зоолошката градина во Загреб за да се обезбеди нивната безбедност и соодветни услови. Овој центар за опоравување редовно се грижи за загрозените животни, обезбедувајќи им професионална грижа и заштита.

Пронајдете не на следниве мрежи: